Има амбиции да го наследи Катанец: Милко Ѓуровски
Ѓуровски: Македонија нема шанси против Хрватска
„Кога станува збор за претстојниот квалификациски меч Македонија - Хрватска кој ќе се одигра во ноември во Скопје, јас лично не гледам ама баш никаков посериозен проблем кој може да му се испречи на патот на хрватскиот тим кој сериозно граби кон пласманот на ЕП 2008. Фудбалот е навистина интересна игра, понекогаш и послабите тимови знаат да ги изненадат фаворитите, меѓутоа во конкретниот случај сите адути се на страната на хрватската репрезентација“ изјави за хрватските медиуми, поранешната фудбалска легенда на белградските Црвена Звезда и Партизан, Милко Ѓуровски. Овој фудбалски стратег кој успеа да постигне вкупно 92 голови за двете белградски екипи, и во далечната 1986 година направи трансфер кој го потресе Белград, со преминувањето од редовите на Црвена Звезда во Партизан, сега е шеф на Стручниот штаб на словенечкиот прволигаш Марибор. Ѓуровски повеќе од десет години, живее и работи во Словенија, каде што се скраси по кратките холандски и француски фудбалски епизоди. Роден во околината на Тетово од каде што во Белград замина уште на 12 годишна возраст, Милко Ѓуровски не крие дека чека и посакува позив за селекторска функција на некоја од репрезентациите на поранешна Југославија.
„Се разбира дека најмногу посакувам да го преземам кормилото на мојата Македонија, од каде што ми се корените. Тоа е моја земја, прва цел и опција, и покрај тоа што не би ги одбил ниту понудите од Загреб, Белград, Љубљана или Сараево“ изјави Ѓуровски.
Анализирајќи го моменталниот квалитет на двете репрезентации, Ѓуровски за хрватските медиуми изјави дека во последно време многу повеќе го следи хрватскиот фудбал, поради блискоста на оваа земја со Словенија каде што престојува и работи, потенцирајќи дека од македонскиот тим малку подобро ги познава Горан Пандев и Гоце Седлоски.
„Ако гледаме како во моментов играат двата тима, мојот став е дека Македонија нема шанси на мечот против Хрватска. Со ваквиот став не сакам да го потценам тимот на Македонија, бидејќи буквално се ме влече накај моите, меѓутоа во конкретната ситуација треба да се биде и малку објективен и реален. Мислам дека составот на Катанец ќе даде се од себе, за да му ги расипе плановите на тимот на Хрватска, а знаеме и колку се слатки победите меѓу лутите ривали од поранешната заедничка држава. Сепак, мислам дека целиот квалитет кој го поседува македонскиот тим ќе биде недоволен за победа над „коцкастите“, изјави Ѓуровски.
Овој некогашен извонреден напаѓач и голгетер истакна дека нема сознанија дека Англичаните ќе се обидат со пари да ги мотивираат нашите репрезентативци, и покрај тоа што не ја исклучи ваквата можност.
„Вие можете некому да дадете и милиони евра, меѓутоа на крајот секогаш одлучува квалитетот. Селекцијата на Хрватска е далеку поквалитетен тим и на мечот во Скопје, самата си ја крои својата судбина“ истакна Ѓуровски.
Како сериозен тренер, некогашниот голгетер на Партизан и Црвена Звезда не сакаше да го коментира ниту пак анализира учинокот на селекторот Среќко Катанец на кормилото на нашата репрезентација, и само напомена дека во конкуренција на толку силни репрезентации во нашата квалификациска група, секој пласман над 4. и 5. место во групата ќе беше рамен на сензација.
„Мислам дека на македонскиот тим можеби му недостига само победата над составот на Израел на Градски, меѓутоа таа победа во никој случај не може да се компензира со евентуален триумф над составот на Хрвастка во ноември“ заклучи Милко Ѓуровски кој во дресот со македонските национални симболи одигра само три средби.
http://217.16.95.25/default.asp?ItemID=4199D2DE70A8CE40821FF27A89F26DB7
Some very interesting comments from Milko Djurovski.